Лајен: Европа е посветена да стане првиот климатски неутрален континент

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека Европа ги остварува своите климатски цели, повторно потврдувајќи ја својата амбиција да го претвори блокот во прв климатски неутрален и целосно електрифициран континент во светот.

Повеќе од 70 проценти од електричната енергија во Европа веќе доаѓа од чисти извори на енергија, а овој удел ќе расте, им рече Фон дер Лајен на светските лидери на самитот на Конференцијата на ОН за климатски промени (КОП31) во Анталија, Турција.

До 2040 година, Европската Унија има цел да го удвои – на 46 проценти – уделот на електричната енергија во крајната потрошувачка на енергија, односно енергијата што се користи за греење, возење или добивање струја од штекер дома, рече таа.

Фон дер Лајен изрази поддршка за целта поставена од земјата домаќин на КОП31, Турција, за покривање на 35 отсто од светската крајна потрошувачка на енергија со електрична енергија до 2035 година. „И ги поттикнувам сите останати да го сторат истото“, рече таа.

Според Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), електрификацијата би донела пониски трошоци за увоз на гориво и пониски сметки за енергија за потрошувачите, како и помалку емисии и поголема енергетска безбедност.

Фон дер Лајен го опиша летото 2026 година како „лето на вистината“, потсетувајќи на поплавите во Непал и сушите во Судан и Централна Америка.

– А во Европа, една од најлошите сезони на шумски пожари во историјата – додаде таа.

Шефицата на ЕУ ја нагласи потребата да се направи повеќе за да се забават климатските промени и рече дека Европа „ќе ја одигра својата улога“.

Европа ќе ги намали своите емисии за повеќе од половина до 2030 година во споредба со 1990 година и ги постави темелите за нивно намалување за 90 отсто до 2040 година, рече таа.

На двонеделната конференција учествуваат претставници од над 190 земји за да разговараат за мерките за заштита на климата и за обезбедување финансиска помош за посиромашните земји, од кои многу страдаат несразмерно повеќе од фаталните последици од климатските промени.