Државната компанија ЕСМ поднесе жалба до Вишото јавно обвинителство по одлуката на Обвинителството за организиран криминал и корупција за прекин на истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“, барајќи повторно разгледување на случајот и контрола на постапката. Премиерот Христијан Мицкоски ја оцени одлуката како скандалозна и изјави дека очекува Вишото јавно обвинителство да ја разгледа жалбата и фактите на случајот. Според ЕСМ, изјавите дадени во текот на истрагата биле технички и не претставуваат проценка за можни штети, додека претходно обвинителството соопшти дека во овој случај не биле пронајдени елементи на кривично дело.
„Да, ЕСМ, поранешен ЕЛЕМ, веќе поднесе жалба против скандалозната одлука на Обвинителството за организиран криминал и корупција. Очекуваме сега Вишото јавно обвинителство правично да ги разгледа сите факти и да одлучи по однос на она што го содржи жалбата. Да почекаме што ќе одлучи Вишото обвинителство, па потоа да коментираме.“, рече Мицкоски.
