ЕСП и понатаму го бара празното место во ДИК, го повикуваат собранискиот спикер да не го блокира процесот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Албанската опозиција продолжува да го бара празното место во Државната изборна комисија. Пратеникот на Движењето Беса, Фадиљ Зендели, го повикува новиот претседател на Собранието, Јован Митрески, да ѝ наложи на Комисијата за прашања на изборите и именувањата да го предложи кандидатот на албанската опозиција, Абдуш Демири за член на ДИК. Зендели го потсетува Митрески дека другиот кандидат, Зуљфи Адили е предложен од партија која не учествувала на последните избори.

Од албанската опозиција велат дека доколку Митрески продолжи да го блокира овој процес, тогаш ќе се докаже дека ДУИ и СДСМ се обидуваат да ја осакатат ДИК за да ги фалсификуваат изборите.

Првиот човек на ДИК пак, Александар Даштевски вели дека седмиот член е добредојден во составот на комисијата, но додава дека и во случај да не се избере во Собрание, тие можат да функционираат и со 6 члена.

Од албанската опозиција порачуваат дека кандидатот предложен од EДП е нелегитимен, поради тоа што партијата не излегла на избори и е партија која, како што вели Зендели е дел од власта и наградена со директорски места. Доколку во наредните денови не ја постигнат целта, ЕСП ќе продолжи да ја бојкотира работата на законодавниот дом.