Европскиот сојуз за промени состоен од Алтернатива, Беса и Демократско Движење, на денот на албанското знаме потпишаа декларација за коалиција, со која одлучија на следните парламентарни и претседателски избори да настапат заедно. Според потпишаната декларација, нивните програмски столбови ќе бидат членството во ЕУ, борбата против корупцијата, развојот во образованието, еднаквоста меѓу Македонците и Албанците, регионалниот развој и други. Шефот на Демократското движење, Изет Меџити рече дека нивниот сојуз се родил како резултат на кризата во која се наоѓа албанското општество. Тие се убедени дека ќе победат на парламентарните избори.
„Европскиот сојуз за промени се создаде како антипод на кризата во која западна албанското општество. Сојузот се роди за да стане гласот на тие кои немаат каде да ја пријават корупцијата, на тие кои беа деградирани на работното место и кои не мислат како партијата. На тие кои чекаат милост од партијата, за да се решат елементарните проблеми пред да одлучат да си заминат од државата. ЕСП претставува обединување на чесни лица кои се обидуваат да преживеат во ова време на не време“, порача Изет Меџити.
И ЕУ беше дел од темите за кои се зборуваше. Лидерот на ААА, Африм Гаши, порача дека евро-интеграцијата не може да се направи преку амнестирање на Груевски.
„Ние сме тука за да изјавиме дека интеграцијата во ЕУ е примарна цел на коалицијата ЕСП. Инаку каква смисла би имале промените доколку тие нема да се европски. Доколку тие веруваат дека интегрирањето во ЕУ се прави и преку амнестирање на Никола Груевски и криминалците од црните листи, ние имаме големи разлики. На тој начин тие можат да се интегрираат во некоја друга Унија, но не во Унијата во која ние целиме, во Брисел“, вели Африм Гаши.
Лидерот на Движење Беса, Биљал Касами, увери дека по изборите актуелната влада ќе се претвори во поделена опозиција.
„Се обединуваме, бидејќи Албанците на РСМ заслужуваат автентична застапеност. А ние ќе се бориме за целосна еднаквост бидејќи граѓаните се тие кои требаа да бидат еднакви а не бизнисите на корумпираните политичари. Од овде гарантираме дека по шест месеци, актуелната влада ќе биде поделена опозиција, а ние како дел од владата во координација со САД и високите институции на ЕУ, ќе ги деблокираме евроатлантскиот процес по што со брзи чекори ќе одиме кон ЕУ“, вели Биљал Касами.
Инаку според потпишаната декларација, Европскиот сојуз за ќе има заеднички претседателски кандидат и заеднички листи на парламентарните избори.
