Естонија е за воведување забрана за влез на територијата на Европската Унија за поранешни руски војници кои учествувале во војната против Украина, изјави на 29 јануари естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахна.
Талин, кој претходно овој месец веќе им забрани на 261 руски борци влез во Шенген зоната, сега повикува на координиран пристап на ниво на целиот блок, пишува „Киев Индепендент“ .
„Не може да има пат од Бука до Брисел“, изјави Цахна пред новинарите во белгискиот главен град, додавајќи дека ќе го презентира предлогот на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ подоцна истиот ден.
„Во Русија има близу еден милион борци. Тие се претежно криминалци, многу опасни луѓе“, предупреди Цахна. „Имаме информации дека повеќето од нив ќе дојдат во Европа по војната. А Европа не е подготвена за тоа.“
Неименуван висок естонски дипломат изјави за „Политико“ дека постојните методи за идентификување и одбивање влез на поединци се премногу бавни и специфични за секоја земја, поради што Естонија се залага за посилен пристап.
Друг европски функционер изјави за истиот медиум дека иако Естонија има право да воведе општа забрана, таа ќе биде тешко да се спроведе за многу други земји од ЕУ, кои ќе мора да го наведат секој борец поединечно и да ги обезбедат потребните докази.
Замолена да го коментира предлогот, шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, рече дека „многу земји-членки“ изразиле поддршка за забраната за влез.
„Тоа претставува јасен безбедносен ризик за Европа“, рече Калас.
