Повеќе од 580 лица загинаа, а речиси 3.000 се повредени во двата силни земјотреси што ја погодија Венецуела, а меѓу најпотресните приказни е онаа за мајка која го жртвувала сопствениот живот за да ја спаси својата едногодишна ќерка.
Станува збор за Андреа, сопруга на венецуелскиот фудбалер Хектор Бело, која загинала кога зградата во која се наоѓала се урнала за време на земјотресот. Според локалните медиуми, во последните моменти таа ја покрила својата ќерка Алана со сопственото тело, овозможувајќи ѝ да преживее.
Детето било извлечено живо од урнатините и е хоспитализирано, додека телото на Андреа било пронајдено под рушевините.
Трагичната вест ја потврди и самиот Хектор Бело преку социјалните мрежи.
„Ѝ ветувам дека ќе ѝ раскажувам како ѝ го спаси животот. Како го даде својот живот за нашата ќерка и остана покрај неа до последниот момент“, напиша фудбалерот во емотивната порака.
Тој отпатувал во Каракас, каде што се лекува неговата ќерка, и соопштил дека таа и нејзината тетка се во стабилна состојба, но засега остануваат на болничко лекување.
Во друга објава Бело напиша дека не знае како еден ден ќе ѝ објасни на својата ќерка дека нејзината мајка го жртвувала животот за да ја спаси.
„Како да ѝ кажам дека ти го загуби животот за таа да живее, а јас не бев таму да направам ништо? Дај ми сила“, напиша тој.
Смртта на Андреа ја потврди и локалната фудбалска организација „Cumaná de Campeones“, која соопшти дека таа била пронајдена мртва под урнатините, додека нивната ќерка успеала да преживее.
Во катастрофалните земјотреси животот го загубија и двајца млади фудбалери – Разан Сија, член на младинскиот тим на Каракас ФК, и Виктор Паласиос, кој настапувал за Маритимо де Ла Гуаира. Нивната смрт ја потврдија клубовите и Венецуелската фудбалска федерација.
Меѓу жртвите е и мајката на поранешната Мис Венецуела, Жизел Рејес, која, според семејството, починала од срцев удар предизвикан од шокот по уривањето на зградата во која живеела.
Властите соопштија дека меѓу загинатите има и странски државјани, меѓу кои четворица Шпанци, еден Португалец и двајца бразилски државјани, додека спасувачките екипи и натаму трагаат по голем број исчезнати лица под урнатините.
