Стотици патници останаа на цедило откако вулканска пепел го затвори најголемиот меѓународен аеродром на Сицилија, во Катанија, во екот на летната туристичка сезона.
Аеродромот во Катанија ќе остане затворен до раните утрински часови во сабота, непосредно пред Ферагосто, врвот на летната сезона во Италија кога милиони луѓе се упатуваат кон морето и планините, а градовите се речиси пусти.
Активноста на Етна често предизвикува прекини во воздушниот сообраќај на аеродромот во Катанија, 30 километри јужно од вулканот, и ова е сега најдолгиот прекин од 2002 година.
Борис Бенке, истражувач во Националниот институт за геофизика и вулканологија при опсерваторијата Етна, рече дека острата вулканска пепел е многу опасна за авионите бидејќи може да им ги затне моторите и да ги запре.
„Затоа сите се многу внимателни кога станува збор за летање за време на емисии на вулканска пепел“, рече тој.
Етна е најголемиот активен вулкан во Европа. Неговата најнова активност е невообичаена поради долгото траење и континуираното исфрлање на пепел.
Северните ветрови донеле помали количини пепел дури до Малта и Северна Африка.
„Во текот на изминатите неколку децении имаше многу пократки и помоќни ерупции, но оваа е различна бидејќи Етна исфрла пепел многу подолго“, рече Бенке.
Затворањето на аеродромот доведе до пренасочување на летовите кон други аеродроми во Сицилија, што доведе до зголемување на цените на такси и изнајмување автомобили, објави дневниот весник „Кориере дела Сера“.
Здружението за заштита на потрошувачите „Кодаконс“ соопшти дека ќе поднесе жалба до италијанскиот орган за конкуренција поради жалби за неоправдано зголемување на цените.
