Европската Унија ги повика на воздржување од изјави и потези што не придонесуваат за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, откако српскиот претседател Александар Вучиќ повторно изјави дека Косово е составен дел од Србија.
Портпарол на Европската комисија, одговарајќи на прашање за последните изјави на Вучиќ, нагласи дека „само преку дијалог може да се постигне напредок во нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија. Треба да се избегнуваат изјави и дејствија што не придонесуваат кон таа цел.“, извести Радио Слободна Европа.
Од Брисел потсетија дека напредокот во дијалогот меѓу Белград и Приштина останува клучен предуслов и за Србија и за Косово на нивниот пат кон ЕУ.
Вучиќ спорните изјави ги даде на 25 јули, на промоцијата на новите офицери на српската армија, каде истакна дека заштитата на територијалниот интегритет е еден од најважните државни приоритети и повтори дека, според Уставот на Србија, Косово е дел од српската држава.
На неговите ставови реагираше вршителката на должноста претседател на Косово, Албулена Хаџиу, која оцени дека тие претставуваат „продолжение на јазикот на негирање, омраза и пропаганда врз која беше изградена шовинистичката и експанзионистичка политика на режимот на Милошевиќ“.
Дијалогот меѓу Косово и Србија, што се води со посредство на ЕУ од 2011 година, останува еден од главните услови за напредокот на двете земји во процесот на европската интеграција.
