Кириите во Германија растат побрзо од цените на становите, недостигот на простор ја влошува состојбата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сè потешко е да се најде достапен стан за изнајмување во Германија, а притисокот врз пазарот продолжува да расте. Кириите за новите договори бележат забрзан раст, додека цените на недвижностите се зголемуваат значително побавно, покажува најновиот извештај на германското банкарско здружение VDP.

Во периодот од јули до септември, кириите за нови договори за изнајмување станови во станбени згради биле повисоки за 3,5 проценти во споредба со истиот период минатата година. За споредба, во вториот квартал годишниот раст изнесувал 3,2 проценти.

Од VDP оценуваат дека состојбата на пазарот за изнајмување дополнително се влошува, особено во најголемите германски градови. Извршниот директор на здружението, Јенс Толксмит, предупредува дека недостигот на станбен простор создава сериозен притисок врз цените на кириите.

За разлика од закупнините, цените на станбените недвижности во третиот квартал пораснале за само еден процент на годишно ниво. Куќите за едно семејство поскапеле за 1,3 проценти, становите за 2,3 проценти, додека кај станбените објекти со повеќе станбени единици растот изнесувал 0,5 проценти.

Според Толксмит, повисоките каматни стапки го отежнуваат финансирањето на купувањето недвижности, но силната побарувачка за станбен простор и понатаму ги одржува цените.

Од здружението ги поздравуваат мерките на германската влада за поттикнување на изградбата и намалување на трошоците за градежните компании. Меѓу нив е и поедноставувањето на постапките за добивање градежни дозволи, како и иницијативата „Gebäudetyp E“, која треба да овозможи побрзо и поевтино планирање и изградба, со можност за отстапување од стандарди кои не се неопходни, доколку се зачуваат безбедноста и квалитетот на објектите.

Меѓу најголемите германски градови, најголем годишен раст на цените на недвижностите во третиот квартал е забележан во Хамбург, каде што тие се зголемиле за 2,4 проценти. Во Франкфурт растот изнесувал 1,6 проценти, а во Келн 1,4 проценти. Во Штутгарт е регистриран благ пад.

На квартално ниво, цените благо се намалиле во сите седум најголеми германски градови, како и на национално ниво. Сепак, тоа не претставува значително олеснување за потенцијалните купувачи, бидејќи недвижностите остануваат скапи поради растот во изминатите години. Дополнителен проблем се и каматните стапки на десетгодишните хипотекарни кредити со фиксна камата, кои неодамна надминале четири проценти, пренесува ДПА.

Недостигот на станбен простор останува еден од најголемите проблеми во Германија, каде што недостасуваат повеќе од еден милион станови. Според анализата на Сојузниот институт за истражување на градежништвото, урбаните прашања и просторниот развој, до 2030 година ќе биде потребно да се градат околу 320.000 станбени единици годишно.

Сепак, остварувањето на оваа цел засега изгледа неизвесно. Институтот „Ифо“ прогнозира дека бројот на завршени станбени единици во 2027 и 2028 година би можел да падне под 200.000 годишно. Како главни причини за застојот во изградбата се наведуваат високите каматни стапки и зголемените градежни трошоци.