ЕУ ќе може да продава запленета руска нафта од „сенковната флота“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Европската Унија ќе им овозможи на земјите членки да ја продаваат руската нафта и другите стоки што ќе бидат запленети од бродови на таканаречената „сенковна флота“, со што дополнително го засилува економскиот притисок врз Москва.

Европската комисија потврди дека новиот, 21-ви пакет санкции против Русија вклучува одредба што им дозволува на националните власти да ја конфискуваат и потоа да ја продаваат стоката што ја превезуваат танкери користени за избегнување на санкциите и ограничувањето на цената на руската нафта, воведено од земјите од Г7.

Според претставници на ЕУ, оваа мерка ќе им овозможи на државите членки, по поморски операции и инспекции на сомнителни бродови, да располагаат со запленетиот товар, наместо тој да остане блокиран.

Иако најголемиот дел од товарот се однесува на сурова нафта, новите правила ќе важат и за други стоки, вклучително и жито, доколку тие бидат превезувани со бродови што ги прекршуваат санкциите.

Засилени контроли на море

ЕУ во последните месеци ги интензивира акциите против таканаречената „сенковна флота“ – мрежа на стари танкери што Русија ги користи за извоз на нафта надвор од санкцискиот режим.

Во март, белгиските власти запленија танкер во Северното Море со капацитет од околу 330.000 барели нафта, чија вредност се проценува на повеќе од 23 милиони евра. Минатиот месец и Франција презеде контрола врз уште еден танкер, кој непосредно претходно бил натоварен во руското пристаниште Мурманск и превезувал околу 600.000 барели нафта.

Русија ги осуди овие акции, нарекувајќи ги „пиратство“ и предупреди дека ќе одговори со „сите расположливи средства“.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас изјави дека европските поморски служби на 20 јули извршиле проверка на бродот „MV South Star“ во Средоземното Море, во рамки на засилените контроли.

„Секое нелегално патување придонесува за финансирање на руската воена машинерија. Санкциите ги надополнуваме со конкретни активности на море“, порача Калас.

Замрзнат ценовниот лимит за руската нафта

Новиот пакет санкции предвидува и едногодишно задржување на ограничувањето на цената на руската нафта на 44 долари за барел. Тоа значи дека европските компании, вклучително и осигурителните компании, нема да смеат да обезбедуваат услуги за танкери што превезуваат руска нафта продадена по повисока цена.

Без новиот договор, ценовниот лимит автоматски ќе се зголемеше на 58 долари за барел.

Според проценките на Европската Унија, оваа мерка би можела да ја намали заработката на Кремљ од извозот на нафта за околу 3,5 милијарди долари во следните 12 месеци.

Иако руската нафта „Уралс“ на почетокот на јули се тргуваше по цена од околу 50 долари за барел, цената во меѓувреме се искачи на околу 80 долари поради повторната ескалација на конфликтот меѓу САД и Иран.