„ЕУ не е целосна без Западен Балкан“ – Фон дер Лајен на 2 октомври во Скопје

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оваа недела ќе го посети Западен Балкан, во рамки на турнејата низ Албанија, Косово, Црна Гора и Македонија.

Според агендата објавена од Европската комисија, Фон дер Лајен ќе ја започне посетата в среда, 30 септември, во Тирана. За време на престојот во Албанија се очекува да оствари средби со највисоките државни претставници, а на 1 октомври, претседателката на Европската комисија ќе отпатува во Приштина на одделни средби со в.д претседателката Албулена Хаџиу и премиерот Албин Курти.

Истиот ден таа ќе престојува и во Подгорица, каде што се очекува да се сретне со црногорските претставници и да разговара за процесот на европска интеграција.

Турнејата ќе заврши на 2 октомври во Скопје, каде што Фон дер Лајен ќе оствари средби со државниот врв на Македонија.

Според Европската комисија, во центарот на разговорите за време на ова патување ќе бидат следните чекори на земјите од Западен Балкан на патот кон членство во Европската Унија и напредокот во постепеното интегрирање на регионот.

Друг важен елемент на посетата ќе биде Планот за раст за Западен Балкан, преку кој Европската Унија има цел да го поддржи економскиот развој и постепеното приближување на земјите од регионот кон европскиот пазар и структурите на ЕУ.

Ова ќе биде шеста турнеја на Урсула фон дер Лајен во земјите од Западен Балкан.

За време на посетите, претседателката Фон дер Лајен се очекува одблиску да ги посети и проектите финансирани од Европската Унија.

„ЕУ не е целосна без Западен Балкан“, изјави Фон дер Лајен на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во јуни, нагласувајќи ја важноста што Европската комисија му ја придава на процесот на проширување.

Турнејата на Фон дер Лајен доаѓа во период кога Европската Унија настојува да го забрза процесот на приближување на Западен Балкан кон ЕУ, додека земјите од регионот продолжуваат со напорите за спроведување реформи и напредок во процесот на европска интеграција.