Јасно е дека во Македонија има разочарување за предолгиот процес на пристапување во Европската унија, рече евроамбасадорот Дејвид Гир говорејќи на панел дискусијата посветана на ЕУ и Западниот Балкан. Тој порача дека земјава и натаму треба да се фокусира на потребните реформи.
„Јасно е дека е во наш и ваш безбедносен, просперитетен и демократски интерес заедно да бидеме во Унијата. Вистински напредок беше постигнат минатата година со почетокот на преговорите за пристапување, скрининг процесот е во тек и сега фокусот треба да биде на спроведување на реформите потребни за пристапување на земјава во ЕУ“, рече Гир.
На панелот преку видео врска се обрати и еврокомесарот Оливер Вархеи кој рече дека Европската унија работи за да му помогне на регионот за интеграција во Европската унија.
„Можете да сметате на нашата посветеност и поддршка за Западен Балкан. Работиме напорно да му помогнеме на регионот со нови можности за бизниси и граѓани и да го исполниме ветувањето за Западен Балкан да влезе во ЕУ.“, изјави Вархеи.
И италијанскиот амбасадор во земјава Андреа Силвестри ја повтори потреба од реформите, но истовремено потсети и на обврската за уставните промени.
-Процесот на скринингот веќе започна, добро се движи, не смееме да го потцениме фактот дека овој процес ќе биде долготраен и комплексен ќе бара одредени легислативни промени, не само уставни измени, односно вниманието што се посветува на евентуалните промени во Уставот, туку треба да се признае дека одредени права треба да се дадат на сите етнички заедници-изјави Силвестри.
Премиерот Ковачевски осврнувајќи се на форумот на евроинтеграцискиот процес на земјава рече дека повеќе не е прашање дали Западен Балкан ќе стане дел од Европската унија, туку кога. Тој оцени дека земјава цврсто чекори на патот кон членството и е препознаена како фактор на стабилност во регионот.
