ЕУРО 2020: „Луд“ натпревар во Минхен кој му припадна на Германија, Франција и Шпанија се „лизнаа“ со Унгарија и Полска

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дербито на колото денеска се одигра во Минхен, каде што Германија ја совлада селекцијата на европскиот првак Португалија со 4:2. Германците со фуриозна игра во текот на целиот меч, ги освоија првите три бода во групата и направија голем исчекор кон пласманот во следната фаза.

Германија почна одлично со три шанси, меѓу кои и еден поништен гол, а потоа Португалија во 15. минута преку првата шанса стигна до водство. Роналдо погоди во празната мрежа. Меѓутоа следуваа два автогола на Диаш и на Гереиро за четири минути со кои Германија на полувремето замина со предност.

Во вториот дел Германците „додадоа гас“ и постигнаа уште два гола преку Хаверц и Госенс за убедлива предност од 1:4, а потоа Португалија преку Жота само намали. Стативата на Санчез од Португалија на крајот можеше да донесе неизвесност, меѓутоа на крајот Германците славеа триумф.

Во првиот меч денеска, Франција одигра нерешено со Унгарија 1:1 во дуелот одигран пред полни трибини во Будимпешта. Унгарците во финишот од првиот дел го „шокираа“ европскиот првак поведувајќи со 1:0 со гол на Фиола, а Гризман во вториот дел успеа да израмни и да донесе бод.

Во последниот натпревар вечерва одигран во Севиља Шпанија и Полска одиграа 1:1. Шпанците повторно имаа посед на топката, но тоа не беше доволно. Дури и промашија пенал при 1:1 за победа. Голот за водство го постигна Мората во 26. минута, за во вториот дел Левандовски израмни, и така да ги остави Полјаците во игра за 1/8 финале, затоа што доколку загубеше, Полска сега ќе беше елиминирана.