Евакуирани над 1 милион луѓе, откажани 1.400 летови поради тајфунот „Делфин“ во Кина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Повеќе од еден милион луѓе се евакуирани од своите домови во источна Кина, вклучително и во областа на Шангај, откако тајфунот „Делфин“ го погоди крајбрежјето, предизвикувајќи силни ветрови, обилни врнежи и поплави.

Според кинеските метеоролошки власти, максималната брзина на ветерот достигнала околу 150 километри на час кога бурата првпат стигнала до копното кај Јухуан, во провинцијата Џеџијанг, околу 17:30 часот по локално време. Околу еден час подоцна, тајфунот по вторпат стигнал до копното во близина на градот Венџоу.

Бурата предизвика големи нарушувања во транспортот. Само во Шангај се откажани околу 1.400 летови, додека властите презедоа низа мерки за заштита на населението.

Кинеските власти првично го подигнаа предупредувањето за тајфунот „Делфин“ на највисоко, црвено ниво, но утрово нивото на предупредување беше намалено, откако бурата делумно ја загуби својата сила.

Сепак, властите и натаму предупредуваат на поројни врнежи, големи поплави и одрони до среда. Интензивни врнежи се очекуваат во провинциите Шандонг, Хенан, Хубеи, Анхуи, Џиангсу и Џеџијанг, како и во градот Шангај.

На жителите им е препорачано да избегнуваат активности на отворено. Привремено се затворени и некои од најпознатите туристички атракции, вклучително и делови од Дизниленд и Леголенд, како и неколку панорамски платформи долж Бунд во Шангај.

Според метеоролошките прогнози, во некои делови на провинцијата Џеџијанг во наредните денови се очекуваат меѓу 250 и 500 милиметри дожд.

Во Хангџоу, главниот град на Џеџијанг, властите привремено ги укинаа таксите за паркирање на јавните паркинзи за возачите кои бараат засолниште поради силните ветрови и поплавите.

Во Венџоу се евакуирани околу 900.000 жители и отворени се повеќе од 1.000 итни засолништа. Во градот Тајџоу, пак, евакуирани се околу 390.000 луѓе.