Ограничувањата воведени за работењето на „Алта банка“ во Битола отвораат дополнителни прашања за компаниите кои ги користат нејзините услуги, особено во делот на исплатата на плати и редовното деловно работење. Правните лица привремено нема да можат да префрлаат средства кон други банки, ниту да подигнуваат готовина од банкомати и шалтери.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, информираше дека правните лица ќе можат да вршат неограничени внатрешни плаќања кон други правни и физички лица кои имаат сметки во истата банка, но нема да можат да реализираат одлив на средства надвор од неа преку платните системи.
Поради новонастанатата состојба, вработените во РЕК Битола добиле известување доколку платата ја примаат преку трансакциска сметка во „Алта банка“ и сакаат да ја променат, најдоцна до 3 ноември до 14 часот да достават нова сметка од друга банка до Секторот за економско-финансиско работење.
Ограничувањата се однесуваат и на физичките лица. Според претходното известување на гувернерот, за нив е утврден неделен лимит од 10.000 денари за одлив на средства преку картички, односно за готовински подигнувања и плаќања кај трговци. Внатрешните плаќања во рамките на банката остануваат неограничени.
Ова може да создаде проблеми за компаниите кои преку „Алта банка“ ги реализираат своите секојдневни трансакции, бидејќи привремено нема да можат да ги подмируваат обврските кон добавувачи и други деловни партнери кои имаат сметки во останатите банки.
Дополнителен предизвик може да претставува и исплатата на платите. Доколку вработените имаат сметки во друга банка, компаниите нема да можат да им ги префрлат средствата преку вообичаените платни системи. Законскиот рок за исплата на октомвриската плата е до 15 ноември.
Засега нема официјални податоци колку компании во земјава имаат трансакциски сметки во „Алта банка“ Битола, ниту колкав број деловни субјекти би можеле да бидат засегнати од ограничувањата. Нема ниту реакција од стопанските комори за последиците врз компаниите и нивното редовно работење.
Од Народната банка претходно информираа дека привремена администрација во „Алта банка“ АД Битола е воведена исклучиво поради случувањата поврзани со нејзиниот акционер со квалификувано учество – „Алта банка“ АД Белград.
Од Централната банка појаснија дека оваа мерка не значи затворање на банката, ниту активирање на механизмот за исплата на депозитите преку Фондот за осигурување депозити.
Целта, како што наведоа, е банката да продолжи со работењето, средствата на клиентите да останат на нивните сметки, а имотот и интересите на штедачите и другите доверители да бидат заштитени до разрешување на сопственичката состојба, односно промена на сопственоста.
