Еве што ќе прави Катар со стадионите вредни 6,5 милијарди долари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Светското првенство во Катар заврши во неделата со СПЕКТАКУЛАРНО финале помеѓу Аргентина и Франција, кое Аргентина го доби со 4:2 (3:3) на пенали и ја освои шампионската титула по 36 години. Со 172 гола во 64 натпревари (2,68 по натпревар), ова СП беше најефикасно во историјата, а со нешто повеќе од 3,4 милиони гледачи на стадионите, беше трет најгледан турнир од 1930 година.

Катар за потребите на овој Мундијал вложи вкупно 220 милијарди долари, од кои 6,5 милијарди се потрошени за инфраструктура на стадионите. Светското првенство се играше на осум стадиони, од кои седум беа сосема нови, а според некои истражувања, повеќе од 6.000 работници, главно од сиромашните земји од Југоисточна Азија, загинале на нивните градилишта.

Само еден стадион остана во сегашната форма

Единствениот стадион што постоеше во Катар уште пред турнирот беше Калифа Интернационалниот стадион, а тој е единствениот што ќе остане во сегашната форма и по Светското првенство. Сите други стадиони или ќе бидат пренаменети или ќе имаат намален капацитет или целосно ќе исчезнат. На нив следната година ќе се игра Купот на Азија, а потоа на повеќето стадиони веќе нема да се игра фудбал.

Катар се пофали дека сите стадиони се изградени од материјали кои можат да се рециклираат и да се користат за изградба на други објекти, што ќе биде случај со Лусаил, најголемиот и најскапиот стадион.

По Азискиот куп ќе стане станбено-деловен комплекс со трговски центар, училиште, болница и многу други објекти, а горниот ред на трибини ќе биде претворен во тераси.

Фудбал повеќе нема да се игра на Ал Бајт, стадионот во Ал Хор каде Хрватска играше против Мароко и кој изгледа како традиционален шатор. Ќе се отстрани атрактивниот покрив и целиот горен дел од стадионот, а стадионот ќе биде пренаменет во болница за спортска медицина, хотел со пет ѕвезди и секако трговски центар.

Необичниот стадион 974, кој е изграден од контејнери за транспорт, ќе биде демонтиран и дониран на Уругвај.

Таму повторно ќе се состави и ќе служи за кандидатскиот проект за Светското првенство во 2030 година, на кој Уругвај, Аргентина, Чиле и Парагвај сакаат да бидат домаќини.

Домашната лига ја следат нешто повеќе од илјада луѓе по натпревар

Стадионот Ахмад Бин Али ќе го користи Ал Рајан, клуб кој се натпреварува во Лигата на ѕвездите на Катар, но откако ќе се намали неговиот капацитет од 40 на 20.000 седишта. Истата судбина ќе ја доживее и Ал Џануб каде Ал Вакрах ќе игра првенствени натпревари. Просечната гледаност на катарската лига е нешто поголема од илјада гледачи по натпревар.

Меѓународниот стадион Калифа ќе продолжи да биде домаќин на натпреварите на националниот тим, како и атлетските средби, а Градскиот стадион „Едукација“ ќе остане да го користи универзитетот. Неговиот капацитет ќе биде намален на 20.000 гледачи, а ќе биде домаќин на универзитетски спортски натпревари како и други културни и музички настани.