Еве зошто треба почесто да јадете печурки

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Печурките се многу корисни бидејќи позитивно делуваат на здравјето поради нивната хранлива вредност.

„Печурките се богати со витамин Д, кој е исклучително корисен. Недостатокот на овој витамин е поврзан со замор, нарушено здравје на коските, намалена функција на имунолошкиот систем и зголемен ризик од хронични болести, вклучително и одредени видови на рак“, изјави нутриционистката Никол Стефану за списанието Eat This, Not That.

Истражувањето објавено во стручното списание Food Science & Nutrition покажа дека со редовно консумирање печурки внесувате доволно количество микронутриенти во организмот без да ги зголемите калориите, мастите или натриумот. Печурките се богати со селен, хранлива материја која има антиоксидантни својства кои помагаат да се намали секаков вид на воспаление, пишува Кликс.

Добро делуваат и на работата на цревата, односно на дигестивниот систем.

„Многу студии покажаа дека печурките делуваат како пробиотици. Не само што го подобруваат варењето, туку можат да бидат корисни и за луѓето кои имаат дијабетес. Имено, печурките имаат способност да менуваат одредени цревни бактерии и на тој начин ослободуваат инсулин од бета-клетките на панкреасот“, додала таа.

Луѓето кои јадат печурки имаат помала веројатност да страдаат од депресија. Истражувачите го припишуваат ова на многуте биоактивни соединенија во печурките, вклучително и витамин Б12 и антиоксиданси.

„Печурките се користат во медицината повеќе од 2.000 години поради нивните лековити својства. Тие содржат соединенија кои предизвикуваат имунолошки одговор на повеќе нивоа – слично на група војници кои се борат седум битки во исто време. „Печурките се познати по својот широк спектар на биоактивни состојки, пред се по бета-глуканите кои го зајакнуваат имунитетот“, заклучи таа.