Евроамбасадорот Гир со критики – „Многу малку сте направиле, борбата против корупцијата разочарувачка“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Без дипломатски ракавици и отворено евроамбасадорот Дејвид Гир искажа јасни критики дека земјава не направила скоро ништо во исполнувањето на препораките за  владеењето на правото и борбата против корупцијата. Тој порача дека овие обврски се во центарот на процесот на проширувањето на Унијата а задачата на државните институции е да го спроведат и да бидат пример во тој процес.

„Владеењето на правото и борбата против корупција останува разочарувачка. Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија од минатата есен, што е фокусот на денешниот состанок обезбедува јасни насоки за тоа што треба да се направи и кои се приоритетите. И сите ги знаеме, но многу малку е постигнато.  Исто така нивото на имплементација, како што и вицепремиерката спомна претходно за стратегијата за борба против корупцијата останува недоволна, во најмала рака е 10 проценти во извештајот од последната година“, вели Дејвид Гир.  

Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска истакна дека приближувањето кон Европската унија е наша најзначајна стратешка цел и затоа треба да има што поголема одговорност и отчетност на институциите.

„Секоја засегната институција мора сериозно да си го преземе својот дел од обврските и одговорностите и со целиот свој капацитет да се вложи во исполнување  на својот дел од обврските кои што се преземени, меѓу другото заедно со секоја институција. Затоа очекувам сите институции во најкраток можен рок да се фокусираат и да покажат побрз процент на имплементација на Националната стратегија за борба против корупцијата а не да биде онака како што е нотирано во Извештајот само 10 посто што е поразувачки резултат“, порача Славица Грковска.

Владеењето на правото и борбата против корупцијата е одлучувачка во пристапниот процес и е обврска која треба да се исполни во приближувањето на земјава кон Европската унија.