Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, најави реформи на процесот на проширување на Европската Унија, со цел приспособување на ЕУ кон можно проширување со нови членки. На Конференцијата на хрватските амбасадори во Загреб таа рече дека процесот влегува во нов момент и дека Европската комисија подготвува нова методологија за интеграција на земјите кандидатки. Кос истакна дека проширувањето ќе биде проследено со построга контрола и значајни реформи во самата ЕУ. Таа исто така најави поедноставен и пофлексибилен процес на одлучување, вклучително и можност за ограничување на областите во кои една земја членка може да ги блокира одлуките на другите.
„Светот се промени и проширувањето мора да се промени заедно со него. Комисијата ќе ги претстави своите идеи за тоа како Европската Унија треба да се подготви додека земјите кандидатки се приближуваат до крајот на преговорите за членство“. Треба да ја искористиме оваа можност за да го направиме процесот на одлучување поедноставен и пофлексибилен. Ова може да значи и намалување на бројот на области во кои една земја членка може да ги блокира сите други. Но, тоа нема да значи намалување на нашите институции“, вели Марта Кос.
Кос побара посилни механизми за заштита на демократијата и владеењето на правото во новите земји членки, осврнувајќи се на случајот со Унгарија. Таа рече дека ЕУ треба да се оддалечи од пристапот „сè или ништо“ и да применува постепена интеграција, со конкретни придобивки за земјите кандидатки.
„Мора да се осигуриме дека нема да дозволиме „тројанските коњи“ да влезат во ЕУ. Ниту денес, ниту по 10 или 20 години. Неодамнешното искуство покажа дека може да бидат потребни посилни заштитни мерки за спречување и, доколку е потребно, за коригирање на прекршувањата на основните принципи и вредности на Унијата. Проширувањето на ЕУ треба да еволуира за да одговори на реалноста на денешницата. Затоа, треба да се оддалечиме од логиката „сè или ништо“ во проширувањето. Треба да бараме поамбициозни начини за постепена интеграција“, вели Марта Кос.
Македонија останува блокирана на патот кон ЕУ поради спорот со Бугарија. За да продолжи процесот, земјата треба да направи уставни измени за вклучување на Бугарите и другите заедници во Уставот, за што е потребно двотретинско мнозинство.
