Еврообврзница – помалку пари за ист трошок за камата – за власта одлична зделка, опозицијата со критики

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

За враќање на 600 милиони евра, поранешен долг кон странство, ние имаме ист годишен трошок за камата. Министерот за финансии Фатми Бесими, во емисијата 10 минути на ТВ21 зборуваше за еврообврзницата, која крена доста прашина во јавноста.

Причината за реакциите е тоа што на првата актуција, која беше откажана се нудеше еврообврзница од 600 милиони евра, а  на втората која помина 500 милиони. Претходно имало поповолна камата за разлика од мартовската еврооврзница. Но, Бесими вели дека трендот на зголемувањето на каматите е присутен во светски рамки и ќе продолжи. Сепак, како што додава, каматата е поволна и на годишно ниво е иста, бидејќи 100 милиони евра се обезбедени од други извори.

„Ние сме нашле еден производ, сега со финансиски речник, еврообврзница, сме обезбедиле 600 милиони евра, да вратиме кредити, поранешни спрема странство. После месец дена гледаме дека тој производ е поскап, што реално таков е трендот. И ние не купуваме 600, туку купуваме 500. Сто, одиме во друга продавница обезбедуваме поповолна цена. Така да ние на 600 милиони имаме ист трошок“, вели Фатмир Бесими.

Но, опозициската ВМРО-ДПМНЕ не мисли така. Од таму велат дека калкулирањето со пониската сума на издадена еврообврзница нема да го сокрие зголемениот трошок којшто сега, како што велат, го плативме сите ние како држава.

„Приносот или вистинскиот вкупен трошок за еврообврзницата која беше издадена пред месец дена беше 6,5% или за износ од 600 милиони евра, државата за 4 години требаше да плати 156 милиони евра. Сега, ако издадеше 600 милиони евра за 4 години со постигнатиот повисок принос од 7,25% државата ќе платеше 174 милиони евра или повеќе 18 милиони евра отколку пред месец дена. Затоа издадоа 500 милиони евра, да сокријат колку изгубија, а не дека за еден месец се свестија за други извори за финансирање по пониски камати“, порача Ивица Томовски.

Министерството за финансии соопшти дека мартовската издадена еврообврзница е со рок од 4 години. Со каматната стапка од 6,96 проценти на годишно ниво за позајмените 500 милиони евра треба да се платат по 34,8 милиони евра годишно. Во вкупната пресметка, Министерсатвото за финансии ги калкулира и земените 100 милиони евра кредит од Европската унија, чија камата е 3 проценти. До 2028 година за враќање доспеваат уште три обврзници, во вкупна вредност од околу 2 милијарди 230 милиони евра.