Европа е во готовност од „мегапожари“, експертите предупредуваат за „новата нормалност“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Европа се соочува со сè поинтензивни и потешки за контрола шумски пожари, а експертите предупредуваат дека континентот влегува во ера на таканаречени „мегапожари“.

Високите температури, продолжените сушни периоди и силните ветрови создаваат идеални услови за брзо и неконтролирано ширење на пламените јазици.

Сериозноста на ситуацијата ја потврдуваат и човечките жртви. Во Грција тројца пожарникари ги загубија животите додека се обидувале да ги заштитат луѓето и имотот од огнената стихија.

За разлика од традиционалните шумски пожари, „мегапожарите“ се карактеризираат со исклучително голем интензитет и можат да создадат сопствени атмосферски услови. Топлиот воздух и чадот можат да формираат пирокум улонимбусни облаци, кои носат силни ветрови и молњи, а истовремено можат да предизвикаат нови пожари на голема оддалеченост од главниот фронт.

Меѓу најтешко погодените земји се Франција и Шпанија, каде што годинава веќе се регистрирани десетици илјади хектари уништени од пожарите. И Грција останува меѓу земјите кои се соочуваат со сериозна огнена опасност.

Какви размери можат да достигнат овие пожари покажува примерот со пожарот во Еврос во 2023 година, кој зафати околу 966 квадратни километри и беше рангиран меѓу најголемите пожари регистрирани во Европа.

Експертите зголемувањето на интензитетот и зачестеноста на пожарите го поврзуваат со климатските промени. Повисоките температури и подолгите периоди без врнежи ја сушат почвата и вегетацијата, создавајќи поголема количина лесно запалив материјал.

Сепак, климатските промени не се единствениот фактор. Важна улога имаат и човечките активности, начинот на управување со земјиштето, како и одржувањето и третманот на шумските површини.

Предвидувањата за следните години се загрижувачки. Експертите очекуваат почести екстремни температури, подолги суши и пожари кои ќе бидат поголеми и потешки за гасење.

Според предупредувањата, ваквите услови би можеле да станат „новата нормалност“ за Европа, што ќе бара значително поголеми напори во превенцијата, раното откривање и справувањето со шумските пожари.