Европа се тресе од очекувањата дека наскоро ќе имаат недостиг на гориво. Деновиве во жижа е керозинот, кој е важен за туризмот, но и за карго транспортот на вредни пратки на широка палета индустриски производи. Најновото предупредување за недостиг на ова гориво, но и на дизелот дојде од австрискиот министер за економија, енергетика и туризам Волфганг Хатмансдорфер.
„Прекините во испораките во последните недели ќе стигнат и до Европа со временско задоцнување и би можело да се соочиме со недостиг од околу пет проценти дизел и 15 проценти керозин, поради намалените испораки“, изјави Волфганг Хатмансдорфер, министер за економија, енергетика и туризам на Австрија.
Австрискиот министер порача дека граѓаните мора да штедат во потрошувачка на енергија, но не најави рестрикции за точење на гориво за граѓани од соседните земји.
А, додека Европа се подготвува за криза со недостаток на горива, премиерот на Македонија Христијан Мицкоски го повтори ставот дека снабдувањето во државава е стабилно.
„Во овој момент, не гледаме опасност. Исто така со керозинот којшто го извезуваме. Неколку аеродроми во регионот добиваат керозин, таков е приштинскиот аеродром и некои други, сега да не ги споменувам. Така што во овој момент, факт број еден е дека граѓаните кај нас користат најевтини горива во регионот и факт број два, имаме доволно количини и сега за сега не гледаме никаков предизвик којшто е поврзан со недостаток. Доколку се случи таков предизвик, тогаш навремено ќе се препакуваме и ќе спремиме нова стратегија“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски не најавува ограничување на точење на гориво за странски државјани. Но, најави дека во понеделник до Регулаторната комисија за енергетика ќе го достават ставот на Владата за тоа колку треба да биде намалувањето на акцизата. Врз основа на пресметките од изминативе 15 дена за просечната цена на тон нафтени деривати на италијанската берза, ќе се знае дали акцизата ќе се намали за еден, два или четири денари за литар.
А, дека на Европа има проблеми со гориво за авиони, вчера предупреди директорот на Меѓународната агенција за енергија, Фатих Бирол. Според него, светот во моментов се наоѓа во најголемата енергетска криза поради блокадата на Ормускиот теснец.
„Ние сме во Европа, имаме можеби уште околу 6 недели резерви на авионско гориво. Ако не успееме да го отвориме Ормускиот теснец, ако како резултат на тоа рафинериите престанат да работат, можам да ви кажам дека наскоро ќе слушнеме вести дека некои летови од град А до град Б можеби ќе бидат откажани поради недостиг на авионско гориво. Значи два големи проблеми: прво, високите цени, и второ, достапноста на гасот, достапноста на авионското гориво, дизелот и други“, Фатих Бирол, директор на МАЕ.
Мицкоски повтори дека државава воопшто не ги чепнала државните нафтени резерви кои имаат количина за задоволување на дневни потреби на државава од 62 дена и дека има деривати во продуктоводот Солун – Скопје за неколку недели. А нафтените компаниите имаат оперативни резерви од пет дена, но и комерцијални за максимум до две недели.
