Европратеникот и известувач за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц ги скара власта и опозицијата. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче реагира на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека не знае за изјавите на Вајц и дека Извештајот е „комплетен антипод“ на она што навистина се случува. Филипче вели наместо да ја прифати критиката премиерот повторно влезе во негирање.
„Вајц експлицитно вели дека не гледа сериозна посветеност на Владата за реформите, особено во делот на владеење на правото, со директна оценка дека „во последната година не видовме никаков напредок во однос на евроинтеграцијата, ниту пак некаков напредок во делот на реформите“. Известувачот Вајц јасно и недвосмислено ја критикува оваа власт поради блокирањето на европскиот пат на Македонија. Европа јасно порачува: Нема напредок додека не се исполнат условите, а тоа вклучува и уставни измени“, порача Венко Филипче.
Лидерот на СДСМ обвинува дека додека власта го блокира европскиот пат, а не сака да го спроведе уставните измени, половина ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и најблиски соработници на премиерот имаат бугарски пасоши.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, излегоа со контраобвинување. Велат Филипче и СДСМ за власт се подготвени да го продадат македонскиот јазик, култура и идентитет.
„Филипче и СДС немаат проблем со тоа македонскиот јазик да е бугарски дијалект, Македонија да е дел од Бугарската држава, Гоце Делчев, Питу Гули, Јане Сандански да се пишат дека се Бугари, само да дојдат на власт и да крадат. Филипче и СДС немаат проблем да бидат на услуга на бугарските власти и да ја шират нивната политика и да не убедуваат дека Уставните измени се единствениот чекор што Македонија треба да го направи за да влезе во ЕУ“, вели Бране Петрушевски.
Инаку Вајц во интервју за Еуроњуз Бугарија предупреди дека без уставни измени и реформи Македонија ризикува да заостане на патот кон Европската унија. Премиеро, пак, прашан за ова, кажа дека такво нешто не слушнал од Вајц, туку сосема спротивно, односно извештаите за Македонија биле позитивни.
