Иако политиката за државјанство е во надлежност на Србија, растечкиот број руски граѓани кои, со стекнување на српско државјанство, добиваат безвизен влез во Европската унија (ЕУ), претставува потенцијален безбедносен предизвик за блокот, оцени Европската комисија (ЕК).
Во најновиот документ на Европската комисија, во кој се оценува напредокот на Србија во поглавјата 23 и 24 поврзани со владеењето на правото, се наведува дека бројот на државјанства доделени на руски државјани е зголемен во последно време.
„И покрај сувереното право на Србија да одлучува за своите политики за државјанство и натурализација, забрзаното стекнување безвизно патување во ЕУ од страна на руските граѓани преку доделување српско државјанство, чиј број е зголемен во споредба со претходните години, претставува потенцијални безбедносни ризици за ЕУ“, се наведува во неформалниот документ на ЕК, кој го виде Радио Слободна Европа (РСЕ/РЛ).
Овој документ беше предмет на дискусија на ниво на дипломати на земјите-членки на Европската Унија кон крајот на мај.
„Србија треба да ја подобри контролата на барањата за виза поднесени од граѓани на земји кои се сметаат за ризични во однос на нерегуларната миграција или безбедноста“, се наведува понатаму.
Неодамна, неколку земји-членки на Европската Унија вршат притисок врз Европската комисија да предложи закон со кој ќе се олесни одбивањето на туристички визи за руските граѓани, поради инвазијата на Москва врз Украина.
Според податоците на ЕУ, бројот на туристички визи издадени на руски граѓани за Шенген-зоната се зголемил во текот на 2025 година на речиси 480.000, што е највисоко ниво од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година.
Српскиот претседател Александар Вучиќ веќе објави дека Србија нема да воведува визи за руските граѓани.
Според условите на Планот за раст, Србија мора да воведе визи за најмалку три земји до крајот на годината.
Визната политика на Србија е „само делумно хармонизирана“ со визната политика на Европската Унија и со списокот на трети земји чии граѓани имаат потреба од виза за влез во ЕУ, се наведува во извештајот за владеење на правото за Србија.
Моментално, 12 таканаречени трети земји уживаат безвизно патување со Србија, но не и со ЕУ: Ерменија, Азербејџан, Бахреин, Белорусија, Кина, Индонезија, Јамајка, Киргистан, Казахстан, Русија, Суринам и Турција.
„Не е постигнат понатамошен напредок во усогласувањето со визната политика на ЕУ од декември 2024 година, кога Србија ги исполни своите обврски од Реформската агенда за хармонизирање на визниот режим со ЕУ за најмалку три земји чии граѓани имаат потреба од виза за влез во ЕУ“, се наведува во документот.
