Европската централна банка останува загрижена за економското закрепнување на еврозоната

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Европската централна банка (ЕЦБ) и понатаму е загрижена за економското закрепнување на еврозоната, покажаа објавените записници од состанокот за монетарна политика во јуни на креаторите на политиката на ЕЦБ.

Како што се наведува, економското закрепнување на еврозоната зависи од зголемувањето на приватната потрошувачка, а засега нема сигурни податоци дека таа расте.

Некои членови на Управниот совет на Европската централна банка посочија дека достапните податоци не покажуваат јасно дека инфлацијата во еврозоната ќе се намали на два отсто во 2025 година, што укажува на неочекуван раст на платите и постојана инфлација во услужниот сектор.

Управниот совет на ЕЦБ на 6 јуни одлучи да ја намали референтната каматна стапка за главните операции за рефинансирање на 4,25 отсто, каматната стапка на депозитите на 3,75 отсто и маргиналната каматна стапка на 4,50 отсто.

Сите три клучни каматни стапки се намалени за по 25 базични поени, се наведува на веб-страницата на ЕЦБ. Во таа прилика банката прогнозираше дека стапката на инфлација во еврозоната во 2024 година во просек ќе биде 2,5 отсто и ќе падне на 2,2 отсто во 2025 година и 1,9 отсто во 2026 година.