Со 411 гласа „за“ и 120 „против“, европратениците ја усвоија конечната верзија на Извештајот за напредокот на земјата во процесот на пристапување кон Европската Унија, подготвен од известувачот за Македонија, Томас Вајц. Сепак, беше отфрлен амандманот број 3 предложен од Вајц. Со него требаше да биде избришан параграфот 73, во кој се споменува Вториот протокол од Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија.
Денешното гласање се одржа по вчерашната дебата, за која првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оцени дека пораките на европратениците претставуваат силна потврда на европската перспектива на земјата и дополнителен поттик за продолжување на реформскиот процес.
