Европскиот суд утврди дека Миле Јанакиески незаконски бил држен во притвор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Европскиот суд за човекови права и слободи денеска ја објави пресудата во случајот на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески против Северна Македонија, во однос на изречените мерки притвор за судските предмети за „27 април“ и за „Шпански скали“, во која стои дека му биле прекршени правата од членот 5 на Европската конвенција за човекови права.

  • Случајот се однесува на два сета на кривични постапки против господинот Јанакиески, првиот за терористичко загрозување на уставниот поредок, и вториот за злоупотреба на службената положба, за време на кои му биле нарушена слободата со одлуки на домашните судови. Потпирајќи се на Членот 5 (право на слобода и безбедност) од Конвенцијата, господинот Јанакиески поднесе жалба за наводни незаконитост и произволност, недостиг на релевантни и доволни причини и недостиг на брзо право на жалба на неговото лишување од слобода, се вели во соопштението од Судот во Стразбур.

ЕСЧП утврдува повреда на член 5 став 3 поради недостиг на доволно причини за лишување на жалителот од слободата и повреда на член 5 став 4 поради недостиг на „брзо“ прегледување на лишувањето на жалителот од слободата.

Според пресудата, државата ќе треба да му плати вкупна отштета од 6.100 евра на Јанакиески, од кои 3.900 евра за нематеријална штета и 2.200 евра за трошоци.

Пред Европскиот суд за човекови права, Миле Јанакиески е застапуван од адвокатот Влатко Илиевски.