Фасцинантно: Овие морски полжави имаат способност да си го обноват целото тело иако е одвоено од главата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Јапонските научници неодамна посочија фасцинантно откритие – два вида морски полжави можат целосно да го обноват телото, иако им е отстранета главата.

Имено, видовите Elysia atroviridis и Elysia cf. marginata за само неколку недели го развиваат целото тело од почеток, иако им е одвоено од главата.

Ова е можно благодарение на нивната способност да извршат фото-синтеза со главата, како растенијата. Тие ја „апсорбираат“ оваа способност од алгите со кои се хранат. Од друга страна, обезглавеното тело на овие организми може да преживее со недели, па дури и со месеци.

„Ова е најекстремната форма на регенерација во природата“, вели Сајака Мито – научник, вработена на женскиот Универзитет во Нара во Јапонија.

Таа, пред неколку години, за прв пат помислила дека нешто чудно се случува откако пронашла одделно тело и глава на еден од овие видови морски полжави.

И наместо да умира, морскиот полжав „нормално“ продолжил да живее.

„По неколку дена, од главата почна да се обновува тело. Можев да видам и срцето како чука. Беше неверојатно”, изјави Мито за Live Science.

По околу три недели, скоро 80% од телото повторно се обновило, вклучително и сите витални органи.