Во Кичево, Фатмир Дехари е 10 години на чело на општината. Синоќа тој славеше.Прославата започна уште во текот на денот со пуштање во употреба на градскиот плоштад и продолжи до вечерните часови во Центарот на Културата. Присутни беа сите сопартијци на Дехари, вклучително и Огнената група. Дехари рече дека иднината им припаѓа на младите, и како што рече, ним ќе им биде полесно да просперираат.
-Посакувам албанско Кичево да биде вековно, да продолжи со прогресивни идеи и јасна визија за доброто на сите, така како што сака народот и Господ-рече Дехари.
ТВ21 ги праша граѓаните за мислење во врска со 10 годишната работа на Дехари во Кичево. Тие беа со поделено мислење, а нивната најголема грижа е иселувањето на младите.
-Треба да се отворат работни места за да не ни бегаат младите, да изградат фабрики или што и да е.
-Треба да ги вработат луѓето во Кичево, а не да прават патишта.
-Најважни се младите и образованието кое треба да се вреднува, уште од мали нозе и врз основа на способностите на децата така да одат во паралелки каде ќе се оспособат за работа на пазарот на труд што ќе следи.
-Многу убаво го изгради центарот и калето, никогаш не било вака како што го направи Фатмир Дехари.
-Направени се неколку улици и тротоари и плоштадот се изгради, но дали е доволно тоа за нас кои живееме овде и за тие кои се надвор од земјава за да се вратат тука, нема добри услови.
За прославата организирана од Општината, реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Кичево од каде велат дека Дехари прославува во време на криза со пари на граѓаните за своите неуспеси во овие 10 години.
Од ВМРО ДПМНЕ му порачаа на Дехари да не заборави дека, како што велат, Кичево е македонски град. А претседателот на ДУИ Али Ахмети во својот говор му порача на Дехари да продолжи напред, независно кој што зборува.
