Ново рочиште за „Државна Лотарија“: Сведочеше директорот на секторот за игри на среќа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нови проекти за развој на АД „Државна лотарија“ биле иницирани во мандатот на поранешниот директор Перпарим Бајрами, сведочеше Владо Петковски на денешното рочиште.

Актуелниот директор на Секторот за игри на среќа рече дека меѓу проектите биле „Ново ВЛТ“, интернет-платформата „Мегавин.мк“ и самостојно приредување електронски игри на среќа.

Петковски појасни дека „Ново ВЛТ“ било формирано за приредување електронски игри, но не започнало со работа поради законски пречки. Тој сведочеше и дека биле преземени активности за набавка на ВЛТ терминали за самостојно приредување игри од страна на Лотаријата.

За набавката, според сведокот, биле обезбедени анализи, студии и мислења од повеќе институции. Петковски рече дека Управата за јавни приходи дала позитивно мислење, но согласност од Министерството за финансии не била добиена.

Обвинителството побара, а судот одобри Петковски да биде вкрстено испрашан во продолжението на рочиштето. Овој сведок, исто така, во истражната постапка бил испитуван и од страна на обвинителството и како осомничен.

Во предметот „Државна лотарија“, покрај Артан Груби и Перпарим Бајрами, обвинети се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски.