Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ вечерва ќе го отвори своето 47. издание. Свеченото отворање е закажано за 20 часот во Центарот за култура во Битола, каде што ќе биде прикажан филмот „Скејтањето не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума.
Филмот ја обработува темата на судирот со традиционалните вредности и општествената маргинализација. Низ приказната за своите ликови, филмот ги следи борбите за опстанок, достоинство и заедништво.
Во главните улоги настапуваат Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула. Сценариото го потпишуваат Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска, додека директор на фотографија е Фредерик Ноаром. Продуцент на филмот е Лабина Митевска.
Проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм, како и од национални и регионални фондови од Белгија, Словенија и Хрватска. Поддршка е обезбедена и од европските фондови „Еуримаж“ и „Медиа“.
Со свеченото отворање во Битола започнува 47. издание на фестивалот посветен на филмската камера и кинематографијата.
