Фетаи го формализира заминувањето од Владата – премиерот Мицкоски го потврди неговото заминување, АА со обвинувања за предавство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По неколкунеделни шпекулации и најави на политичката сцена, заменик-претседателот на Владата за добро владеење, Арбен Фетаи, го формализираше своето заминување од Владата со поднесување оставка до премиерот Христијан Мицкоски. „Заминува со крената глава и чиста совест“, напиша тој, алудирајќи дека зад неговата оставка стојат незадоволства и предизвици што ја одбележале неговата работа во извршната власт.

„Денеска му ја доставив на премиерот мојата оставка од функцијата заменик-претседател на Владата задолжен за добро владеење. Во текот на овие две години имав чест и привилегија да ѝ служам на државата, придонесувајќи за реформи насочени кон зајакнување на отчетноста, транспарентноста и владеењето на правото – мисија која е истовремено важна и неблагодарна. Заминувам со крената глава и чиста совест. Ова е добро промислена одлука, донесена со уверување дека во сегашните околности тоа е најисправниот и најдостоинствениот чекор.“, вели Арбен Фетаи.

Само неколку часа по објавата на Арбен Фетаи за неговото заминување од функцијата заменик-претседател на Владата, остро реагираше Алијансата за Албанците, отворајќи прашања за неговиот институционален статус и улогата што ја имал во последните политички случувања. Опозициската партија оценува дека Фетаи добил значителна политичка и човечка поддршка, но на крајот избрал да замине оставајќи разочарување кај оние што верувале во него и во неговите ветувања.

„Арбен Таравари е човекот кој го донесе Арбен Фетаи од Брисел, му веруваше, го поддржа и му ја даде можноста да служи како министер со одлучувачка моќ. Очигледно, Фетаи на оваа доверба возврати со предавство. Наместо благодарност, соработка и придонес во партијата, тој ја изневери довербата и му заби нож во грб со своите одлуки. Но, постои една изрека – кој предава, ќе биде предаден. И самиот Фетаи го почувствува предавството од луѓе кои ги сметал за доверливи.“, вели АА.

Премиерот Христијан Мицкоски дефинитивно го потврди заминувањето на Фетаи од извршната власт, а истовремено најави и пошироки промени во владиниот состав во текот на јуни, без да открие дополнителни детали.

„Господинот Фетаи поднесе оставка. До крајот на денот ќе биде разгледана, а утре ќе биде архивирана. Како што знаете, во јуни нè очекува реконструкција на Владата. Ќе разговараме со нашите коалициски партнери во рамките на Владата.“, вели Христијан  Мицкоски.

Со потврдата на оставката од самиот премиер, вниманието сега се насочува кон најавената реконструкција на Владата и кон името што ќе го замени Фетаи во владиниот кабинет.