По речиси 5 часа обвинителката Фатиме Фетаи ги кажа завршните зборови за случајот „Монструм“. За кривичното дело „тероризам“ побара доживотен затвор за обвинетите Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ. За Хаки и Фејзи Азири пак, побара едниот да биде осуден со 9, а другиот со 15 години затвор. Според Фетаи, едниот без да знае за убиството ги однел до дома, а другиот пак, им помогнал на Алил Демири и Агим Исмаиловиќ да избегаат.
Фетаи побара Сами Љута да биде ослободен од обвинение, бидејќи обвинителството не обезбедило докази дека го извршил кривичното дело „тероризам“.
Мотивот за убиството сѐ уште не е познат, а Фетаи вели дека очекува Алил Демири и Африм Исмаиловиќ да се екстрадираат од Косово и да им кажат да родителите на жртвите зошто ги убиле нивните синови. Обвинителката Фетаи ги отфрли теориите дека случајот е монтиран, дека обвинетите не се вистинските убијци, дека убиството се случило на друго место, и останатите теории кои веќе долго време кружат во јавноста за политички поени.
Обвинителката Фетаи, рече дека иако тогашниот опозициски лидер, сегашен премиер Зоран Заев изјавил дека „бомбите“ ќе ја откријат вистината за „Монструм“, сепак, како што вели, немало ништо.
Меѓу другото, рече дека изјавата на обвинетиот Хаки Азири, како заштитен сведок е веродостојна, бидејќи според неа, се совпаѓа со материјалните и вербалните докази кои биле презентирани во текот на целиот процес. Фетаи додаде дека не е точно оти полицијата го принудила Азири да даде исказ и оти му рекла што да изјави. Следното рочиште е закажано за 3 февруари, каде се очекува завршните зборови да ги каже одбраната.
Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ е вратен на повторно судење, прво преку СЈО, а сега преку Основното јавно обвинителство.
