Повторното судење за Монструм полека се ближи кон крајот. Обвинителката за предметот, Фатиме Фетаи рече дека во октомври може да се очекува да бидат завршните зборови по што следи пресуда. Дилемата која на последните рочишта се разгледува е кој прв ја дал информацијата за автомобилот Опел Омега, најден во близина на местото на настанот. За оваа информација денеска сведочеа 4 сведоци вработени во МВР.
Последниот сведок, Горан Милевски, вработен во Центарот за информирање при МВР, бил на работа на 13 април 2012, но не се сеќава дали информацијата за автомобилот пристигнала на 192 или од оперативните полициски служби. Тој му рече на судечкото тело оваа информација да ја побараат од МВР.
„Не се сеќавам кој прв извести за автомобилот Опел Омега. Има два начина за тоа како може да дошла информацијата, или преку 192 или од оперативните полициски служби чија обврска е да информираат за секој случај“, истакна Горан Миленковски.
По доказите на обвинителството, одбраната рече дека има листа со докази што ќе ја предложат до судечкото тело.
„Сигурно е дека овој случај ќе се демаскира, дури мислам дека ќе дојдеме до вршителите на случајот бидејќи ние како одбрана го имаме разговорот со што констатираме дека пред 21 часот утврдено е дека, јас мислам дека биле припадници на полицијата кои знаат дека се случило а според доказите на обвинителството случајот е пријавен на 192 во МВР во 22:30 часот, имаме вакуум од 1 час и половина“, посочи Насер Рауфи.
За селектирање на доказите од одбраната, во понеделник ќе се сретнат претседателот на судечкото тело, адвокатите и обвинителот Гаврил Бубевски.
Следните рочишта за Монструм се закажани за 21 и 24 септември. За петкратното убиство кај Смилковско езеро, обвинети се Халил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.
