Анел Фидовски е избран за нов јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје, соопшти претседателот на Советот на јавни обвинители, Башким Бесим, по денешната седница. Фидовски освои седум гласа „за“ и ја доби довербата на мнозинството членови на Советот.
– Резултатите се јасни, доби седум гласа. На интервјуто покажа добри резултати и дел од членовите оценија дека треба да му се даде шанса. И ќе му ја дадеме таа шанса, изјави Бесим.
Во врска со неговиот глас „воздржан“ за Бубевски, Бесим појасни дека ваквиот начин на изјаснување е вообичаен во Советот, иако во законската рамка не е прецизно дефиниран.
– Често се гласа воздржан. Во законот тоа не е прецизирано, а ние инсистираме во новиот закон ова да се уреди, за да биде јасно дефинирано, рече тој.
Бесими истакна дека сите петмина кандидати кои конкурирале ги исполнувале формалните услови и не биле забележани значајни неправилности.
Според резултатите од гласањето, Фидовски доби најголема поддршка и со седум гласа „за“ стана нов шеф на ОЈО Скопје. Досегашниот шеф, Гаврил Бубевски, освои пет гласа „за“, Тања Трајчевска и Спасенка Андонова добија по еден глас, додека Дејан Петрески не доби ниту еден глас „за“.
