Мал авион кој припаѓал на училиште за падобранство се урнал во неделата во градот Томблен, во североисточниот дел на Франција, при што загинале сите 11 лица кои се наоѓале во леталото, пренесе Гардијан.
Според локалните власти, меѓу жртвите се пилотот, пет инструктори и пет ученици од школата за падобранство. Регионалниот префект, Ив Сеги изјавил дека постои сомневање авионот да претрпел технички дефект пред да падне речиси вертикално. Несреќата се случила во близина на трговски центар, во населено подрачје.
Според властите, трагедијата можела да има и многу потешки последици, бидејќи авионот се урнал само неколку метри оддалечен од области со голема концентрација на луѓе.
Министерот за внатрешни работи на Франција го посети местото на несреќата, додека надлежните органи започнале истрага за да ги утврдат причините за несреќата.
