Филипче бара да се стави во функција пет-центарот – ВМРО-ДПМНЕ најавува инвестиции во здравството

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, бара итно да биде ставен во функција ПЕТ-Центарот, обвинувајќи ги властите дека неговото нефункционирање ги загрозува пациентите со канцер.

Филипче рече дека центарот работел само еден ден, а потоа повторно бил надвор од функција. Според него, ПЕТ-снимањето е одлучувачко за утврдување и промена на терапијата кај онколошките пациенти.

„Беа снимени околу 10 пациенти. Околу 15 пациенти дневно кои се во тешка состојба, кои имаат рак, чии животи зависат од тоа снимање, кое им ја одредува терапијата. Два месеци не работи. Итно да се реши овој проблем. Од утре ПЕТ-Центарот да биде во функција. Директно се загрозуваат здравјето и животот на пациентите во земјата“, вели Венко Филипче.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ преку пратеничката Александра Николовска порача дека Владата инвестира во здравствената инфраструктура и во модернизација на болниците.

„Нашата визија е да изградиме ултрамодерен клинички центар, кој нема да биде само за Скопје и граѓаните на Македонија, туку ќе создаде можност за привлекување пациенти и од соседните земји. Планот предвидува и топол подземен премин под булеварот Илинденска, кој ќе го поврзе новиот комплекс со постојната болница „8 Септември“. Во овој комплекс ќе биде вклучен и ПЕТ-Центарот што го развиваме, како и Поликлиниката Букурешт. Тоа подразбира создавање целосно интегриран здравствен комплекс, со модерна инфраструктура и поврзани здравствени услуги.“, вели Александра Николовска.

Николовска ги спомена и проектите за клиничките болници во Штип и Тетово, како и проширувањето на услугите во Кичево.