Филипче: Граѓаните едвај врзуваат крај со крај, не знам дали е смешна или трагична изјавата дека сме четврта економија во Европа!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во своето обраќање пред граѓаните и членовите на СДСМ во Кочани, Венко Филипче ја коментираше економската состојба и економските политики на власта на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Тој рече дека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, цените растат, платите стагнираат, додека власта си ги покачува само сопствените плати.  Се осврна и на изјавата на Мицкоски дека Македонија е четврта економија во Европа. 

„Да излезе премиерот и да каже дека сме четврта економија во Европа – не знам дали е повеќе смешно или трагично“, рече Филипче, потенцирајќи дека реалноста на граѓаните е сосема спротивна.

Тој укажа на рекордниот јавен долг и економските притисоци со кои се соочуваат граѓаните и компаниите:

 „На ваква економска ситуација, со практично крахирана економија и седум милијарди евра долг, со кој ги задолжуваат следните, па дури и неродените генерации – тоа е апсолутна катастрофа.“ – рече тој.

Филипче предупреди и на економската блокада што ја трпат домашните бизниси:

 „Фирмите не можат да си го добијат назад повратот на ДДВ. Цените не можат, а и не сакаат да ги стават под контрола. Тоа е знак за потполна економска неодговорност.“ – рече Филипче.

Ситуацијата е уште поалармантна со последните податоци за инфлацијата. „Денеска гледаме дека излегуваат официјални податоци – трошоците за живот пораснале за 3,3%, а цените за 1,4% само за овој месец. Тоа е јасен показател дека Владата нема намера да направи ништо за граѓаните. Апсолутно се заинтересирани само за себе“, посочи Филипче.

Тој повтори дека оваа Влада не знае, не сака и не може да им помогне на граѓаните. Економската катастрофа е реална, а граѓаните ја чувствуваат секој ден – на каса, на пазар, на сметки. Потребна е одговорна економска политика, а не евтини флоскули и пропаганда.