Филипче, Хасани, Бесими и Етеми поднесоа оставки по пожарот во Тетово во кој загинаа 14 лица

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во текот на вчерашниот ден се случија четири оставки, по пожарот во Тетово во средата вечер, во кој загинаа 14 лица.

Најпрво оставките ги обелоденија директорот на тетовската болница Флорим Бесими и економскиот директор на болницата Артан Етеми.

Потоа на ист чекор се реши и заменик министерот во министерството за здравство Илир Хасани, за на крај во 19 часот на прес-конферениција се повлече и министерот за здравство Венко Филипче.

Филипче кажа дека понудил оставка во пишана форма до премиерот Зоран Заев и дека тоа го сторил од морален чин.

„Како лекар и министер имам интегритет, и затоа од морални причини понудив пишана оставка до премиерот Зоран Заев. Сакам да се заблагадорам на сите соработници, медиуми, за нивната посветеност и благодарност за поддршката во тешките моменти со пандемијата“, рече Филипче вчера на прес-конференцијата.

Опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците, пак, истакнаа дека оставката на Филипче и на другите не е доволна, и дека треба оставка да поднесе и премиерот Зоран Заев.

Претседателот на Владата вчера не се изјасни дали ја прифаќа или не оставката на Филипче и се очекува тоа да го стори во текот на денешниот ден.