Филипче контра реисот: Вирусот не е мртов – „По две недели ќе се дознаат ефектите од вчерашните собири“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Корона вирусот ниту е мртов, ниту е заминат и проблемот ќе се провлекува се додека има такви кои го ингнориратат – вели министерот за здравство, Венко Филипче, реагирајќи на изјавата поглаварот на ИВЗ, реис Сулејман Реџепи кој го прогласи мртов корона вирусот.

„Коронавирусот ниту е мртов ниту е заминат. Тој е тука и за жал, проблемот ќе се провлекува се додека има такви кои го ингнорираат. Многу пати повторив, но еве уште еднаш ќе кажам. Здравствените работници не можат сами. Мерките се добри и навремени, но тие функционираат само ако се почитуваат, во спротивно немаат ефект“, истакна Венко Филипче.

Филипче изрази загриженост и за граѓаните кои во текот на вчерашниот ден не ги почитуваа препораките, се собраа во џамиите, без маски и без да одржат дистанца. Но дали поради вчерашните собири ќе го зголемат бројот на заразени следниот период ќе се знае за 10 дена, вели за ТВ21, директорот на Институтот за јавно здравје, Шабан Мемети.

„Ние ќе имаме зголемување на бројот на заразени доколку граѓаните не се внимателни. Ефектот ќе биде видлив за 10 дена или две недели“, посочи Шабан Мемети.

Мемети смета дека зголемениот број на заразени со Ковид 19 во изминатиот период е резултат на вакви и слични собири во изминатиот период.

„Без разлика на препораки од здравствените институции за почитување на препораките кои постојано ги даваме, за внимателност, физичка дистанца, носење маски, дезинфекција на рацете . . . голем дел од граѓаните не ги почитуваа овие мерки и тоа резултираше со позитивни тестови за Ковид-19“, додава Шабан Мемети.

Прекршување на мерки видовме и на литијата во Струга. По две недели, Струга вчера евидентираше 4 заразени, а истрагата за случајот се уште не заврши. Во Македонија има зголемување на бројот на заразени, а водат Скопје и Тетово. Зголемувањето на бројот не е карактеристика за другите места. Во Косово и Босна и Херцеговина, се регистрирани нула нови случаи на заразени, иако тие реализирале стотици тестирања.