Министерот Венко Филипче ги коментираше нападите од социјалните мрежи за брзината на тестирање на лидерите на политичките партии.
„Сакам да дадам после оние коментари за јавноста, во однос на брзината на тестирањето со која пристапивме кон лидерите на политичките партии. Тие секојдневно имаат интензивни контакти, со многу луѓе, со претставници на институции. Претседателот на СДСМ Заев има средби и со министри, и сакам да кажам дека не станува збор за политички приоритети, туку поради зачувување на здравјето на сите оние кои биле во контакти со нив. Тоа се луѓе кои имаат интензивни контакти со медиумите, кои се наши најсериозни партнери и една од целите беше да се заштитат и медиумите каде што двајцата лидери секојдневно настапуваат“, рече Филипче кој претходно рече дека нема ризик за сите оние кои биле во контакт со двајцата лидери на најголемите партии поради тоа што имаат негативни тестови.
Лидерите ќе бидат во самоизолација уште седум дена од денеска, со оглед дека веќе минале седум дена од последниот контакт со новинарот, рече Филипче.
