Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека неговата партија ќе го блокира донесувањето на Изборниот законик во Собранието, бидејќи, како што рече, законот не е ниту европски ниту демократски.
Филипче изнесе три главни забелешки: електронското гласање на дијаспората без можност за контрола, нарушувањето на тајноста на гласањето и ограничувањето на приговорите само на оние што се евидентирани во записникот.
Според него, вистинската цел на власта е воспоставување контролиран изборен систем, како во времето на Никола Груевски.
„Овие три забелешки не се ниту европски ниту демократски. Оправдувањето е дека власта сака да го донесе законот само за да реализира што поголем дел од реформската агенда. Тоа не е точно – тие сакаат да воспостават режим, сакаат да си отворат врати, можности и инструменти за контрола и злоупотреба на изборниот процес.
Овој закон ние ќе го блокираме во Собранието затоа што не смее да биде донесен. Граѓаните заслужуваат фер изборен процес, а не контролиран како во времето на Никола Груевски“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието, Антонио Милошоски, изјави дека ставот на Филипче е само доказ дека неговата главна цел е да се спротивставува на законите од реформската агенда, за кои Европската комисија досега дала високи оценки.
„Најпрво би сакал да истакнам дека ваквата најава од господинот Венко Филипче е само доказ дека неговата главна цел е да се спротивставува на законите кои се дел од реформската агенда, за чие усвојување и спроведување Европската комисија досега дала високи оценки. Второ, мислам дека Венко Филипче преку најавата за блокирање на Изборниот законик бара можно оправдување, алиби, за идниот изборен пораз или евентуално за бојкот на следните парламентарни избори, без разлика кога ќе се одржат“, вели Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, како што најави Милошоски, предлог-измените на Изборниот законик ќе бидат доставени до Собранието со сите усогласени измени според препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но без измените на членот 76-д, кој се однесува на средствата за изборно рекламирање. Причината за тоа, според Милошоски, е партијата Левица, чии претставници во работната група сега одбиваат да ги потпишат измените што самите претходно ги побарале.
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, ги отфрли овие обвинувања и изјави дека за предложените измени не е постигнат консензус. Според него, останале нерешени пет клучни прашања, меѓу кои и државното финансирање на изборните кампањи.
Апасиев ја оцени ситуацијата како политичка дискриминација кон Левица и најави дека партијата ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за членот 76-д. Тој предупреди дека, доколку процесот продолжи во оваа форма, пратениците на Левица ќе го блокираат донесувањето на Изборниот законик.
