Ние сме подготвени за избори кога и да се случат тие, рече претседателот на СДСМ Венко Филипче но, како што повтори алиби за тоа нема да му бидат на Мицкоски. Филипче истакна дека изборите ќе се случат во моментот кога власта ќе снема пари.
„Ние за избори сме спремни, утре да се случат, за утре сме спремни за изборите и со тимот и со програмата, со Мастер планот за Македонија и со договорот со граѓаните кои што ќе ги презентирам во текот на септември. Ама нема да бидеме алиби, Христијан Мицкоски има две третини во Собранието, апсолутна власт, може да распише избори кога сака, зошто му е СДСМ сега. Зошто му е? Не навлегуваме во таа игранка. Човекот ќе распише избори кога повеќе нема да има пари, а пари снемуваат се повеќе и повеќе“, вели Венко Филипче.
Од ВМРО-ДПМНЕ вратија дека на опозициската СДСМ и е јасно каков ќе биде епилогот од изборите и затоа бегаат од нив.
„Единствен човек во државата кој не сака избори и бега од нив е Венко Филипче и талогот од СДС. Од месечина се гледа дека јасно му е и на него и на талогот каков дебакл ќе доживеат и како ќе бидат поразени од граѓаните“, вели ВМРО-ДПМНЕ.
Темата за предвремените избори минатата недела ја отвори премиерот Мицкоски кој рече дека доколку опозицијата мисли дека се потребни предвремени избори дека ќе одговорат позитивно на тоа барање и дека ќе победат. За предвремени избори се изјаснија од ДУИ и од Левица, додека од ВЛЕН немаат јасен став, односно велат дека спроведувањето на проектите е поважно од предвремени избори.
