Филипче потсети за дијалогот со Софија за ЕУ – Мицкоски: Не сум споменувал рокови, мандатот ми е четиригодишен

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски не одговори конкретно дали разговарал со новите бугарски колеги за отпочнување дијалог за евроинтеграцијата. Тој претходно најавуваше дека тоа ќе го стори кога во Софија ќе има стабилна политичка Влада.

„Во моментот нема детали коишто би можел да ги споделам со јавноста, коишто би значеле нешто важно, но мислам дека на процесот треба да му се даде шанса. По било која цена немаме намера да одиме со глава во ѕид.“, додаде Христијан Мицкоски.

Од СДСМ истакнаа дека премиерот иако најавил, се уште не успеал да обезбеди подобра преговарачка позиција.

„Сега очекувам откако се формираше таа политичка Влада во Бугарија, час поскоро да го започнат тој процес на разговори, поради тоа што времето одминува. Албанија оди напред, Црна Гора оди напред, ние сериозно заостануваме.“, вели Венко Филипче.

Мицкоски одговори дека ветил подобра преговарачка позиција, но никогаш не спомнал рокови и кога тоа ќе го направи.

„Никогаш не сум кажал и не сум гледал на стоперица, како секундант, дека тоа ќе го сторам во рамките на првите не знам колку недели или колку месеци. Никогаш тоа не сум го кажал. Мојот мандат којшто го добив од граѓаните е четири години, потоа нови следуваат избори.“, вели Христијан Мицкоски.

Инаку, до сега рокови поставуваа владините партнери на Мицкоски – од коалицијата „Вреди“. После шестмесечниот, сега велат дека е потребна една година за усвојување на уставните измени. За роковите кои тие ги даваат, Мицкоски рече прашањата да се упатат до политичарите од Вреди.