Филипче: СДСМ 35 години носи храбри реформи – Заев дојде на крајот на свеченоста и го одзеде целото внимание

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СДСМ повторно излегува пред граѓаните со јасна определба за промени и враќање на власта таму каде што припаѓа, во рацете на граѓаните. Ова е пораката испратена од раководството и членството на СДСМ на свечената седница на која беше одбележана 35 годишнината од формирањето на партијата. Претседателот Венко Филипче во обраќањето истакна дека СДСМ е храбра во спроведувањето реформи во интерес на граѓаните , но испрати и пораки до политичките опоненти.

„Срамот е на нивна страна на страна на понижувањето на работниците, студентите, пензионерите, земјоделците. Им порачувам, времето на лаги, на лажен патриотизам, на сиров национализам, на штета на меѓуетничките односи и на врвните национални интереси заврши“, вели Венко Филипче.

Но покрај одбележувањето на годишнината,  во јавноста се чини поголемо внимание предизвика појавувањето на поранешниот прв човек на СДСМ Зоран Заев кој подолг период не е присутен во јавноста. Заев пристигна на крајот на свеченоста, а членството го пречека во дворот на партијата. 

Од ВМРО-ДПМНЕ ова го оценија како потврда на нивните тези дека Заев е тој што ја води партијата, а не Филипче.

„Доколку СДС сака да се реформира и да биде главна опозиција во Македонија, мора да се оградат и дистанцираат од аболицираниот криминалец Зоран Заев. Инаку, ако продолжат по истите овие стапки, тоа навистина е многу лошо за СДС кој што како што гледаме нема намера да се промени“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

На одбележувањето на 35-годишнината на СДСМ не дојде првиот претседател на партијата Бранко Црвенковски, а покрај Заев присуствуваа дел од поранешните претседатели Владо Бучковски и Димитар Ковачевски.