Претседателот на СДСМ го истакна напредокот во партијата, оценувајќи дека таа успешно закрепнува по изборниот пораз. Тој посочи дека СДСМ активно ги брани интересите на граѓаните и силно се спротивставува на политиките на актуелната влада.
Венко Филипче, заедно со заменик-претседателката Фани Каранфилова-Пановска и потпретседателот Методија Илиевски, вечерва присуствуваше на изборната конференција на општинската организација на СДСМ во Битола.
„СДСМ повеќе не е истата партија како пред изборите. Сме на терен, помеѓу нашите членови, за да го слушнеме нивниот глас и заедно да ги дефинираме следните чекори,“ изјави Филипче.
На конференцијата беше избран Методија Куновски за претседател на ОО СДСМ Битола. Филипче информираше дека процесот на избор на претседатели на општинските организации е при крај, со завршување на изборните конференции низ останатите општини во текот на месецот.
„Овој процес се одвива со широк консензус, што е доказ за нашата внатрешна партиска демократија и вредности,“ додаде тој.
Во обраќањето до членовите, Филипче го обвини премиерот Христијан Мицкоски за „измама со кошничките“, посочувајќи дека сиромаштијата расте додека трговците остваруваат профит.
„Слушам како Мицкоски денеска изјавува дека е срамота тоа што го прават трговците. Не, господине Мицкоски, срамота е што вие дозволивте тоа да се случува, тајно договарајќи се со нив, а во јавноста се претставувате како загрижен политичар. Доцна е да ја префрлате вината за овој грабеж. Одговорноста е ваша,“ изјави Филипче.