Со оваа влада евроинтеграциите се запрени, младите се иселуваат и земаат бугарски пасоши, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој воедно е и претседател на Националниот совет за евроинтеграции, на дебатата во Собранието за улогата на законодавниот дом во процесот на зачленување во Европската Унија. Филипче нагласи дека со политиките што ги спроведува оваа влада јасно се покажува дека не постои желба државата да напредува кон Европа, бидејќи не се сака контрола од европските институции.
„За жал, вистината е разочарувачка – не очекувајте ништо од европскиот пат. И тоа не го велам јас, туку го вели премиерот Христијан Мицкоски. Човекот вели дека, ако треба, ќе чекаме децении за Европа. Што може да се очекува по ваква јасна изјава дека оваа влада нема да направи ниту еден чекор“, рече Филипче.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова, ја критикуваше изјавата на Филипче, оценувајќи ја како политички говор. Според неа, политичките фактори треба да постигнат консензус за националните интереси.
„Очекував дека присуството на сите на иста маса ќе ги надмине политиките и дека претседателот на Националниот совет за евроинтеграции ќе се издигне над моменталните несогласувања и нема да го користи тоа како повод за политички говори. Градењето национален консензус кога станува збор за Европската Унија е од исклучителна важност. Тој консензус значи и согласност за нашите национални интереси“, изјави Панова.
Поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, упати критики за политиките во однос на евроинтегративниот процес, оценувајќи дека перспективата за членство во Европската Унија е неизвесна.
„Кај нас Европската Унија или Брисел се претворени во инструмент за дневна политика, наместо Собранието да се користи како механизам за членство во ЕУ. За жал, нема доволна волја за интеграција, ниту доволен притисок, а перспективата е нејасна“, нагласи Османи.
Поранешната генерална секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, истакна дека законодавниот дом има обврска да носи закони кои ќе ја водат државата кон Европската Унија, но, како што посочи, таков процес во моментов не е видлив.
