Филипче за ФЗОМ: Скандал од невидени размени, ВМРО-ДПМНЕ: Пациентите чекаат терапија, а мафијата трие раце за профит

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче очекува политичка одговорност од надлежните за недостигот на лекови за онколошко болните пациенти. Тој вели дека во периодот кога бил министер за здравство лекови на Клиниката секогаш имало. Филипче истакна дека бил создаден т.н. механизам на заштита и бил укинат паралелниот увоз на лекови кои биле без гаранција за квалитет.

„Ова што сега се случува, ова што сега го кажуваат и официјалните лица, директорот на Фондот – дека има механизам, но сака да го избегне тој механизам и дозволува да нема терапија на Клиниката, е скандал од невидени размери. Луѓе умираат како мачиња таму, зашто не сакаат да земат лекови. Треба да си понесат политичка одговорност“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ го повика Обвинителството да истражува дали веледрогеријата Пановски вештачки креирала криза со лекови, во соработка со Филипче. Од оваа веледрогерија која е единствен дистрибутер за дел од лековите што се користат на Клиниката за онкологија, претходно истакнаа дека тврдењата се несериозни.

„Додека пациентите на Онкологија чекаат терапија, мафијата на смртта поддржана од Венко Филипче трие раце за профит. Со години мафијата на смртта предводена од веледрогеријата Д-р Пановски книжи енормни заработки и ги уценува Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство“, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, Филипче и ВМРО-ДПМНЕ се судрија и за скандалот на Клиниката со несоодветната терапија за пациентите, а за што Обвинителството отвори случај. Филипче очекува извинување од пратеничката Рашела Мизрахи зашто го обвинила дека во негово време како министер не постоеле извештаи за работата на Клиниката. Тој извештаите ги покажа и обвини дека досега биле криени од истражните органи. Мизрахи пак, одговори дека министерот бил одговорен, зашто директно врши надзор над работата на Клиниката и истакна декаа таа зборувала за извештаите на стручните комисии, а не на редовните извештаи на клиниките.