Филмот „Анора“ е прогласен за најдобар филм на доделувањето на 97. Оскари. Од овој филм награди добија и режисерот Шон Бејкер и главната актерка Мајки Медисон, додека најдобар актер е Адриен Броди за филмот „Бруталист“.
„Анора“, филм за сексуална работничка од Бруклин, која добива шанса за нов живот кога ќе се омажи за син на руски олигарх, освои вкупно пет Оскари. Покрај за најдобар филм, режисер, актерка, освои Оскар и за оригинално сценарио и монтажа, а беше номиниран и за споредна машка улога.
Бејкер кој важепе за фаворит за Оскар за најдобар режисер, го искористи својот победнички говор за поддршка на гледање филмови во кината.
„Во време кога е светот толку поделен, ова е поважно од кога било. Киното е специфично заедничко искуство кое не можете да го имате дома“, рече тој.

Во трката за Оскар за најдобра режија беа и Брејди Корбет за „Бруталистот“, Џејмс Манголд за режија на „Боб Дилан: тотален странец“, Жак Аудиар за „Емилија Перез“ и Корали Фаргеат за „Супстанција“ .
Дваесет и петгодишната Мајки Медисон ја доби наградата за улогата на Анора „Ани“ Микеева , стриптизета која се омажи за син на руски олигарх.
„Пораснав во Лос Анџелес, но Холивуд отсекогаш изгледаше толку далеку“, рече Медисон при примањето на наградата. „Да се биде овде и да се застане во оваа сала денес е навистина неверојатно“, додаде таа.
Адриен Броди доби Оскар за најдобар актер во филмот „Бруталист“. Ова му е втор Оскар, по оној за „Пијанистот“, кога на 29 години стана најмладиот добитник во таа категорија.
Во „Бруталист“, тој глуми архитект кој оди во Америка откако го преживеал Холокаустот; за улогата на Ласло Тот , унгарски архитект со еврејско потекло кој го преживеа Бухенвалд и емигрира во Америка.
Броди, заблагодарувајќи се на наградата, рече дека е „повторно тука за да ги покаже траумите што продолжуваат, последиците од војната, систематското угнетување, антисемитизмот и расизмот“.
„Сакам да се молам за поздрав, посреќен и поинклузивен свет и ако историјата може нешто да нè научи, треба да запомниме дека не смееме да дозволиме омразата слободно да се изразува“, рече Броди.
