Растот на цените на енергенсите и притисокот врз инфлацијата создаваат ризик од нова енергетска криза, која веќе се чувствува во Европа, а не ја заобиколува ниту Македонија. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Владата презема мерки за да го спречи ценовниот удар врз граѓаните, особено кога станува збор за електричната енергија.
Според Мицкоски, цените на енергенсите се два до три пати повисоки во споредба со минатата година, што директно се одразува врз инфлацијата и трошоците за живот.
Тој посочи дека барањата на енергетските компании се високи, но Владата се обидува да спречи поскапување на струјата за домаќинствата или евентуалното зголемување да биде под пет проценти.
Мицкоски нагласи дека институциите постојано работат на мерки со кои би се избегнал нов ценовен шок. Еден од клучните чекори, според него, е целосното рестартирање на ТЕЦ „Неготино“, со што би се зајакнало домашното производство на електрична енергија.
Во насока на обезбедување дополнителни количини енергенси, во тек е и тендерската постапка за набавка на јаглен од Косово.
Владата, како што посочи премиерот, се обидува да ги искористи расположливите механизми за да го ублажи влијанието на енергетската криза врз граѓаните и домашната економија.
